Рекоа...

 

 

jordan-plevnes Во историјата на литературата уште од античките времиња до денес голем е бројот на истакнати и генијални имиња на светската медицина кои оставиле неизбришливи траги во духовната меморија на човештвото.

 

Во Аристотеловата „Поетика“ се вели дека „сликите се основа на мислата“ а ингениозниот Чехов ја изразува апсолутно-модерната визија дека сликите за човечката смртност што ги гледа медицината, литературата ги претвора во бесмртност.

 

Со сказните на Жан Митрев, Македонија добива уште една естетичка експлозија на генијот на кардиохирургот, кој што ги обесмртува последните 2500 години на европската историја и со светлосна брзина ги трансформира во модерниот детски свет на современата македонска реалност како трезор на нашето минато, кој ќе биде низ мудроста преселен во детската имагинација и нејзината неисцрпна потреба да го доживува и самиот Бескрај како игра.

 

,,Најсилниот крал на Европа“ како што го нарекуваат Филип Втори Македонски и најголемиот освојувач на светот на сите времиња Александар Македонски за кого се напишани над 2000 монографии на сите постоечки јазици на планетава, во сказните на Жан Митрев низ една исклучително - луцидна нарација проткаени со една вселенска форма на нежност ја третираат античката историја на Македонија како темел на идејата дека „убавината ќе го спаси светот“!

 

Низ синтагмата која за првпат се остварува во детските сказни на академикот од Платоновата академија, Жан Митрев ние ги гледаме таткото и синот како нова форма на историски двоец во која темелите на мудроста на филозофијата на детскиот свет, можат повторно да ја разбудат играта меѓу Историјата и Бескрајот бидејќи како што ќе разберат сите деца во Македонија и сите деца на светот кога сказните ќе бидат преведени на различни јазици дека : Македонија е слична на Бескрајот по тоа што и Македонија и Бескрајот граничат сами со себе.

 

Јордан Плевнеш
драмски писател и дипломат